komercijalna

atlantis

nikob

sparkase

sponzori uni

sponzori ewn

 

Организација

Организатор на Струмичкиот карневал е Одборот за организација на Струмичкиот карневал кој е орган на Советот на општина Струмица, и се избира од Советот со мандат од четири години. Покровители на карневалот се Градоначалникот и Советот на општина Струмица. Техничката организација е помогната и од културните институции.
На карневалот може да земат учество и равноправно да учествуваат за наградите сите граѓани на Република Македонија, кои навреме ќе достават пријава и ќе имаат квалитетна маска согласно високите стандарди и реномето на карневалот.
На учесниците од Македонија надвор од Струмица кои ќе бидат прифатени за учество, Одборот за организација им обезбедува еден оброк.
Пријавување за учество во карневалот се врши со пополнување на ПРИЈАВА. Пополнетата пријава може да ја пратите на е-маил:  Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите. .
Учество на помлади лица од 12 години е дозволено само во организирана форма преку училиштата или во група со возрасни кои ќе гарантираат за безбедноста на учесниците и квалитетот на маската.
Маските да не се повисоки од 3,5 метри,а возилата подолги од 12 метри.
Организациониот одбор апелира до учесниците да се придржуваат кон рокот за пријавување, за да може доставените текстови и музика да се средат и навреме достават до водителите и да се направи редослед на поворката.
Пријавените надвор од дадениот рок за пријавување нема да бидат отценувани во званична конкуренција и можно е да бидат вклучени во поворката само после настапот на сите пријавени групи.
Пријавените групи кои нема да се појават на стартот ќе бидат исклучени од конкуренција за награди;
Организационот одбор го заджува правото фотографиите и видео снимките од карневалот да ги користи за пропагандни цели во корист на Струмичкиот карневал.
Жирито e на плоштадот ,,Гоце Делчев,, на ВИП трибините.
Максимално време за презентација 3 минути заедно со читањето на краток текст. На групите кои ќе го пробијат тоа време ќе им биде исклучена музиката.
Жирито го има правото да додели дополнителни награди;
Жирито го има правото да ги пренамени постоечките награди во зависност од конкуренцијата и квалитетот во утврдените категории;
Резултатите на жири комисијата ќе се објават на прес конференција во понеделникот после карневалот во 12,00 часот во НЦК „Антон Панов“ Струмица како и на оваа веб страна.
Одлуките на жирито се конечни и не се коментираат;
Информација за новинари: За акредитација на новинари на Струмичкиот Карневал, искористете го формуларот кој можете да го симнете од оваа веб страна.

 masruta1

Прегледај ја детално мапата во PDF формат.

Согласно правилникот за организација на Струмичкиот карневал се доделуваат следните награди по категории:

Категорија А
Групна маска над 50 лица
1 награда 1000 евра
2 награда 900 евра
3 награда 800 евра
 
Категорија Б
Групна маска од 30-50 лица
1 награда 600 евра
2 награда 500 евра
3 награда 400 евра
Категорија В
Групна маска од 20-30 лица
1 награда 500 евра
2 награда 400 евра
3 награда 300 евра
Категорија Г
Групна маска од 10-20 лица
1 награда 400 евра
2 награда 300 евра
3 награда 200 евра
 
Категорија Д
Групна маска од 5-10 лица
1 награда 150 евра
2 награда 100 евра
3 награда 75 евра
Категорија Ѓ
Поединечна маска од 1-5 лица
1 награда 100 евра
2 награда 75 евра
3 награда 50 евра
 
Категорија Е
Награда за Алегориско возило
1 награда 500 евра
2 награда 300 евра
3 награда 200 евра
 
*Секое алегориско возило учествува во категоријата за отценување.
Категорија Ж
Награда за најдоба дебитантска групана маска со минимум 15 лица 
награда 500 евра

 

ЗА КАРНЕВАЛОТ

Карневалот во Струмица е еден од најзначајните обичаи и традиции од таков вид во Републиката, кој отишол можеби најдалеку во својата трансформација од сите традиционални игри под маски, како по времето на одржување така и по својата цел и функција. Струмичкиот карневал се одржува традиционално секоја година во рамките на тримерските денови, односно на почетокот на големиот Велигденски пост, а и самото име к а р н е в а л, од римското c a r n e – месо и v a l i – збогум, односно збогум месо ни асоцира на почеток на пост, а во овој случај тоа е Велигденскиот пост. Почетокот на постот односно првите три дена се наречени тримерски денови и тие секогаш започнуваат од недела вечерта на Прочка и траат до среда, а во нивни рамки односно во вторникот вечерта е традиционалната карневалска вечер, кога маскирани групи шетаат низ градот и одат по куќите каде што има верени, армасани девојки и каде што остануваат до раните утрински часови. Меѓутоа што се однесува до поврзаноста на карневалот со тримерските денови, треба да се направи реска дистинкција, односно треба да напоменеме дека нивната поврзаност е само временска т.е. тие временски се совпаѓаат, но не и суштински, бидејки по својата суштина тримерите се еден христијански обичај, додека карневалот претставува остаток од еден култ од паганско време.

Празнување на Тримерите на Цареви кули 1937 година Тримери 1943 година
Празнување на Тримерите на Цареви кули 1937 година Тримери 1943 година

Kарневалот во Струмица е доста долга традиција и него го спомнува патеписецот Евлија Челебија уште во 1670 година. Тој минувајќи низ Струмица запишал: ...Дојдов во еден град, расположен во полите на еден висок баир и видов како таа ноќ маскирани луѓе претрчуваа од куќа во куќа, низ смеа писок и песна... што јасно укажува на можноста дека се работи за тримерските карневалски свечености во Струмица.
Како еден указителен и мошне веројатен податок и симбол за древноста и старината на овој карневал е и фактот дека многу белези на маските, носиите и предметите кои останале во употреба (облеки од кожа, рогови од разни животни, бик, прч, овен) , како и алузијата на многуте сакатници со патерици што се појавуваат на самиот карневал (истерување на злите духови, желбата за здравје, плодност итн.) и кои се карактеристични само за неговата иницијална односно изворна, паганска форма која подоцна доживува извесна трансформација во традиционална форма односно маска, која што сеуште ја паметат најстарите струмичани, бидејки карневалот од кои и да е причини, кои се сеуште во сверата на претпоставки, се поклопува со тримерите односно празникот на армасаните, а кое нешто се гледа од најчестите теми односно мотиви кои провејуват кај неа и кои најчесто се повторуваат се невестата со младоженецот, кои ги симболизираат младенците односно верените, потоа циган и циганка со бебе, со значење како циганите имаат по многу деца, така и новите младенци да имаат бројно потомство одн. многудетност, потоа тука е и попот кој ги благословува младите за среќа, благосостојба и слога во бракот, тука е и ѓаволот најчесто со рогови со, со опашка од вол или некое друго животно, со вила во рацете, кого сите го бркаат, а чија симболика е бркање на сите лоши сили или влијанија кои би можеле да се појават и да им наштетат на младоженците. Многу чест мотив кој се јавува се и мажи претворени во жени со изразени женски атрибути и обратно, со кое нешто сака да се покаже најчесто кои физички особини сака мажот да ги поседува жената и обратно.
Друга карактеристика на традиционалната форма на карневалот чија цел и намена се поклопува со предходната е наследството на бројните еротски елементи, песните исполнети со еротски мотиви, содржини и зборови, препознавањето на момчето по големиот фалус, направен од шише или друг предмет и чија цел е дидактичка, односно упатување и припремање на невестата за идниот брачен и сексуален живот.

Тримери 1953 година Тримери 1956 година
Тримери 1953 година Тримери 1956 година

Тука се и музичките реквизити, односно музичките инструменти, гитарата, армониката, дајрето, кои секоја маскирана група што оди по куќите на армасаните девојки ги носи, на кои се свири и кои се неопходни за стварање на една општа веселба и расположение.
Во денешно време карневалот ја добива и својата трета димензија, односно една посовремена, модерна димензија, со некои влијаниа со слични карневали во светот, а преку својот организиран па и награден карактер, добива една друга посовремена конотација, меѓутоа тардиционалниот карактер на карневалот и одењето по куќите на верените девојки како обичај сепак останува.
Преку шаренилото од бои, фигури и маски со различни мотиви и теми, се настојува да се покаже вечна борба односно дуализам и антагонизам меѓу доброто и злото, реализмот и сарказмот, иронијата, сатирата и традицијата, полтронството и кариеризмот, власта и безвластието и сето тоа проследено со една голема живост и динамика карактеристична на струмичани, кои се исто познати и како големи љубовџии, а во целата таа церемонија подеднакво учествуваат, односно се вклучени сите структури, социјална, старосна и полова структура на учесниците. Маските се по избор на самите учесници. Секој учесник си избира своја тема и идеја за маскирање, додека кај групните тоа е заедничка идеја на целата група. Маските ги изработуваат самите учесници и многу ретко се појавуваат готови фабрички маски. Спремањето односно изработката започнува многу порано, обично 2-3 месеци, па и повеќе пред самиот карневал. Од видовите на маски најзастапени се антропоморфните а се среќаваат и зооморфни и зооантропоморфни маски. Во овие денови целиот град живее со и за карневалот. Тоа е голем настан во кој се вклучени повеќе стотици маскирани луѓе по улиците на градот, како и неколку илјади посетители од Струмица а во последно време и од другите градови во Републиката, па и од странство, кои ја гледаат оваа многу атрактивна и прекрасна традиција. Така бројот на учесниците во карневалот, како и посетителите од година во година почна енормно да се зголемува.

Тримери 1963 година Тримери 1963 година
Тримери 1963 година Тримери 1963 година

Како што споменав порано, времето на одржување на карневалот е во рамките на тримерските денови, односно на почетокот на големиот Велигденски пост.
Тримерите по своето првобитно значење и форма се еден мошне стар христијански обичај, кој води потекло од многу одамна т.е од почетокот на христијанската вера. Самото име потекнува од грчките зборови tris meres во превод – три дена и е со значење тридневен пост. Тие се сместени во првата недела од Велигденскиот пост, наречена првопосна или Тодорова недела и претставуваат една построга односно најстара форма на постење, бидејки за овие три дена додека е пости, оние што почнале да постат не смеат ништо ниту да јадат ниту да пијат. Тримерите се всушност, почеток на големиот Велигденски пост, кој трае седум, односно со таканаречената сирна недела осум седмици. Тие почнуваат од Поклади односно Прочка, која секогаш паѓа в недела и траат до среда, што значи дека го менуваат датумот во зависност од тоа кога паѓа Велигден, но остануваат истите денови понеделник, вторник и среда. Најчесто овие пости ги постеле верените, армасаните девојки и девојки пред мажење или немажените девојки, момите. Обично по повеќе девојки се собирале да постат заедно во куќата на армасаната. Најчесто тоа биле другарки на таа верена девојка или девојки поканети од машката страна, кои тука заедно спијат и престојуваат додека трае постот. Останатите членови од фамилијата или гости кои доаѓаат во куќата каде што тие престојуваат строго избегнувале пред тримерџиките да пијат вода или да јадат, па дури и да зборуваат за јадење и пиење, бидејки го сметале тоа за голем грев. Исто така било грев некоја која почнала да пости да се откаже и почне да си апнува како што вели народот. Обичај било некоја девојка која ќе започне да тримерува, да тримерува три до пет години по ред.
Тие што ги издржале тримерите одат в среда рано изутрина во црква за да примат од попот ајазмо односно крстена вода од Водици и нафора. По земањето на ајазмото тие веќе можеле да пијат и да јадат секакви јадења, но пак посни и тој ден тие се поштедени од секаква работа. На армасаните девојки кои го издржале постот, свакрвите како еден вид понуда, награда за тој голем успех им донесувале синии со разни посни јадења, обичај кој знаеме и ден денес се одржува. Денес веќе овој тримерски пост многу ретко се пости.
Тримерите ја изгубиле својата првобитна односно изворна форма и значење, но тие како обичај во Струмица се уште се одржуваат и егзистираат со сите церемонии кои го придружуваат тој обичај. Целиот тој тримерски церемонијал или уште како што уште се нарекува празник на армасаните се одвива во куќата на невестата, во среда и тој ден го прославуваат исклучиво жени, кои одат на ручек кај верената. Гостите што ги кани свакрвата одат групно, односно се собираат прво кај свакрвата и од тука сите одат на ручек кај снаата. Секој што оди на ручек носи и подарок на невестата. На ручекот обично се собираат педесетина жени, но некаде таа бојка може да биде 150 па дури и 200 жени, бидејки од порано само свекрвата носела гости, додека денес и мајката на верената носи свои гости.
Ручекот е некаде по 12 часот и за таа пригода се готват специјално посни јадења и тоа, сарма од кисела зелка без месо со ореви, посен бел грав, варена пченка со ореви, а како десерт се служи зерде (сутлијаш без млеко со вода), бела алва, овошје, локум и компот или ошав од црни сливи и суво грозје, додека наместо леб се кршат и се служат погачи, односно чуреци, месени со квас од наут т.н наутлии погачи кои што ги меси момата. За пиење се служи исклучиво боза која ја носи свакрвата, обично во ѓумови. Ручекот поминува во доста весело расположение, и бидејќи тука се собрани само жени, се прават разни безобразни муабети и се пеат разни песни со еротска содржина.
.........................................................................Илија Сувариев-етнолог

stopanska

grafoservis

sirius

kanal 77

akzentmedia

fleks kredit