Струмичкиот Карневал е вековна традиција на градот под Царевите кули и е директно поврзан со верскиот празник Тримери. Единствена манифестација од таков вид во Република Македонија, посветена на армасаните (верени) девојки.
Датумот на одржување се менува во зависност од Велигден и секогаш е во вторник после чист понеделник. Во текот на празнувањето после одржувањето на карневалската поворка, маскираните групи одат во куќите на армасаните девојки каде меѓу маскираните девојките треба да го препознаат својот вереник.
Струмичкиот Карневал е многу стара традиција и први пишувани извори се од турскиот патеписец Евлија Челебија.
До денешен ден не се памети карневалот да не се одржал , а во раните 70 години направен е обид за негово организирано одржување, но по неколку годишна успешна организација, организираната форма е укината, но без разлика на се тој продолжил да се одржува спонтано .
Во 1991 година повторно е обновена организираната форма која го поврати сјајот на Струмичкиот Карневал.
Од 1994 година Струмица е член на меѓународната асоцијација на карневалските градови FECC а во 1998 година беше домакин на 18 Интернационален конгрес на карневалските градови. Како резултат на соработката со оваа асоцијација воспоставена е соработка и размена на групи со повеке земји.
Во рамките на Тримерските празнувања (празник на армасаните девојки) во Струмица секоја година се одржува познатиот Струмички карневал, најголема манифестација од ваков вид во Република Македонија на која учествуваат околу 2000 маскирани лица во поворката, која привлекува околу триесет илјади посетители од Македонија и соседните држави, кои заедно со граѓаните на Струмица и околината ја чинат оваа импозантна публика. Струмичкиот карневал двапати е прогласен за Супер бренд на Македонија, настан кој авионската компанија WIZZ Air го препорачува во своето специјализирано списание а Културниот магазин на Советот на Европа го вбројува во редот на најатрактивните европски карневали. Списанието Arabian travel news Струмичкиот карневал го вброи меѓу 20-те топ улични карневали во светот, Министерството за економија на Република Македонија трипати го прогласи за најдобра туристичка манифестација во Македонија а најпознатата америчка телевизија НБЦ својата репортажа за карневалите во светот во 2014 година ја наслови ,, Од Бразил до Македонија: Карневалите ги започнаа шареноликите празнувања ,, почнувајки ја рeпортажата со карневалот во Рио за на крајот да заврши со Струмичкиот карневал. Признанијата и натписите во светските медиуми продолжуваат и во 2018 година. Специјализираното списание на словенечкиот авиопревозник – Адриа ,,Во воздух,, го вбројува Струмичкиот карневал во седумте највозбудливи зимски настани во Европа во импресивно друштво на градови како што се Хаселт, Амстердам, Љубљана, Венеција, Минхен и Келн а поголем број светски медиуми му посветуваат внимание во своите репортажи од кои посебно за одбележување е опширната репортажата која познатиот Daily mail ја посвети на два карневала, традиционалниот Навалакруз карневал во Шпанија и Струмичкиот карневал. Секако посебно треба да се одбележат написите во медиумите во Аруба, Холандски кариби кои објавија опширни репортажи за Струмичкиот карневал пред се поради одржаната Ноќ на Аруба во рамките на Струмичкиот карневал 2018. И во текот на
2019 година трендот на успеси на струмичкиот карневал продолжува. На гостувањето во Брауншвајген – Германија, три карневалски групи од Струмичкиот карневал настапија со заедничка кореографија - Струмички карневал и беа прогласени за најдобра карневалска група во движење односно група без алегориско возило а во 2024 година и СНН телевизијата објави репортажа за Струмичкиот карневал а Бек стејџ го прогласи за најдобра културна манифестација во 2024 година.
Струмичкиот карневал прерасна во атрактивна дестинација за карневалистите и во последните 34 години од обновената организирана форма низ струмичките улици продефилираа многубројни карневалски групи и делегации од Америка, Аруба, Албанија, Белгија, Бугарија, Грција, Италија, Ирска, Кипар, Луксембург, Малта, Финска, Франција, Хрватска, Холандија, Полска, Португалија, Русија, Романија, Словенија, Србија, Турција, Црна Гора, Украина, Швајцарија и Шведска.